ДВА ЧАСА ВО РЕДИЦА ЗА ОТВАРАЊЕТО НА ПАРИСКИОТ ЛУВР ВО АБУ ДАБИ

Абу Даби, (ДПА)

Гостите дојдени од далечни земји денес стоеја во редици пред Лувр во Абу Даби , чекајќи да бидат меѓу првите посетители на еден од најочекуваните и најспектакуларни отворања за годинава.

Навистина се чувствувате горди кога ќе видите дека вашата земја може да направи такво нешто, изјавиле посетителите на отворањето

Неколку посетители велат дека чекале два часа за да влезат во футуристичката зграда во Абу Даби, и не биле разочарани.

Многумина од гостите беа импресионирани од куполата со дијаметар од 180 метри, на објектот дизајниран од познатиот француски архитект Жан Нувел, добитник на престижната Прицкерова награда.

Гостите на денешното отворање беа пречекани со традиционални арапски песни и танци

“Навистина се чувствувате горди кога ќе видите дека вашата земја може да направи такво нешто”, рече Абдула Ал Џебери, жител на Абу Даби, кој дојде на гламурозното отворање заедно со неговата ќерка, вљубеничка во уметноста.

Џабери рече дека особено и се допаднало како модерната архитектура на зградата ги инкорпорирала културните аспекти на регионот.
Графичкиот дизајнер Хеса Али Ал Џокер, од Дубаи, рече дека почувствувала дека новиот музеј значи дека Европа повеќе не смее да биде единствената дестинација за голема и значајна уметност.
“Сега можам да уживам во уметноста со мојот дух во мојата околина”, додаде таа.

Гостите се радуват на тоа како модерната архитектура на зградата ги инкорпорирала културните аспекти на регионот (Фото: Ројтерс)

Лувр Абу Даби е првиот светски музеј во арапскиот свет. Историјата и размената на културата меѓу народите ќе бидат истакнати на објектот кој се протега на површина на повеќе од 6.000 квадратни метри.

Проектот помеѓу Абу Даби и Франција беше договорен во 2007 година. Првичниот буџет за изградба на музејот бил 654 милиони долари, но Абу Даби морал  на Франција да и плати  повеќе од 1 милијарда долари за користење на името, позајмените дела и за експертите кои работеле на поставките.

Изградбата беше, сепак, одложена за неколку години, а и датумот на отворање неколку пати беше поместен.