„Пикасо 1932: eротска година“ е насловот на изложбата во Музејот на Пикасо во Париз со некои од најважните дела на славниот шпански сликар.
Изложбата, која ќе трае до февруари 2018 година, е посветена на клучната година за творештвото и животот на Пабло Пикасо, кога имал 51 годинa.
Пикасо насликал над 300 дела во 1932 година, а на изложбата во Париз се претставени околу 100.
„Ја насловивме 1932 година еротска, бидејќи еротиката била движечка сила во сликањето на Пикасо. Овие дела, најмногу слики, се набиени со силна еротска и сексуална моќ. Токму таа еротска моќ која ја имал Пикасо влијаела да наслика уште посилни и поекспресивни дела“, вели кураторот на изложбата, Виржини Пердриско.
Голем број од изложените дела се позајмени од приватни колекции или од музеи низ светот.
Во поставката има голем број портрети на љубовницата на Пикасо, Марија Тереза Валтер, меѓу кои и познатите дела „Сон“ и „Девојка пред огледалото“, кои се дел од колекцијата на МоМА во Њујорк и ретко се изнесуваат надвор од музејот.
Изложбата од Париз во февруари ќе се пресели во британскиот музеј „Тејт“.