Зелениот „форд мустанг ГТ“, што Стив Меквин го возеше во легендарната бркотница со автомобили во филмот „Булит“, тукушто стана најскапиот „мустанг“ што досега се продал на аукција.
Тој достигна цена од 3,7 милиони долари на годишната аукција на колекционерски автомобили во Кисими, Флорида. Досегашниот рекорд од 2,2 милиона го држеше „шелби ГТ500“ од 1967 година.
„Среќен сум како помина аукцијата, но мојата одлука да го продадам немаше никаква врска со парите. Целта ни беше да поставиме нов рекорд“, изјави досегашниот сопственик Шон Кирнан.
Неговиот покоен татко Роберт го купил автомобилот во 1974 за 3.500 долари.
Во филмот од 1968 година, Меквин го игра полицискиот наредик Френк Булит и дел од 11-минутната сцена на бркотница самиот ја извозел. Неговиот „мустанг“ и „доџ чарџер Р/Т“ на моменти возат со 175 километри на час по улиците на Сан Франциско. Сцената се снимала три недели.