ФУДБАЛСКИТЕ ФАНОВИ ЌЕ МОЖАТ ДА СПИЈАТ НА КРУЗЕРИ ЗА ВРЕМЕ НА МУНДИЈАЛОТ ВО КАТАР

Доха, (Гардијан)

Своевремено беше евтин хотел со појадок, но на навивачите кои ќе патуваат на Светското фудбалско првенство во Катар ќе им биде понудено сосема поинакво искуство, откако организаторите потврдија дека два крузера ќе бидат претворени во пловечки хотели.

Тие вкупно ќе имаат 4.000 кабини, а гостите ќе имаат и базен на располагање, како и голема игротека за деца. Цените засега не се објавени, но сегашните цени на компанијата „МСЦ“, која работи со изнајмување крузери, почнуваат од 599 фунти за едно лице.

Катар одамна ја разгледуваше оваа опција, имајќи предвид дека се проценува дека еден милион фанови ќе дојдат во земјата за време на Мундијалот во 2022 година, што е повеќе од една третина од нејзината популација. Катар се соочува со недостиг од хотелско сместување и се очекува 40.000 фанови да спијат на бродови.

Организаторите објавија дека се завршени 75% од сите подготовки поврзани со првенството, а и преостанатите шест стадиони со системи за разладување ќе бидат готови пред рокот. За две години е изградена цела нова мрежа на подземна и надземна железница, која е една од најбрзите на светот.

Ова ќе биде прв мундијал што нема да се игра во лето, туку од 21 ноември до 18 декември.