Музејот „Мадам Тисо“ објави дека ги преместил восочните фигури на принцот Хари и на неговата сопруга Меган Маркл од просторите каде е претставено британското кралско семејство на чело со кралицата Елизабета Втора.
Потегот следи по најавата на војводата и војвотката од Сасекс дека ќе се повлечат од кралските должности и дека сакаат да бидат финансиски независни. Бакингамската палата објави дека е изненадена од нивната одлука, но дека ќе работат заедно за да најдат соодветно решение.

Музејот во Лондон соопшти дека го прави преместувањето „за да ја рефлектира нивната нова прогресивна улога во рамките на кралската палата“. Одлуката ќе ја следи и огранокот во Њујорк, но Хари и Меган таму ќе бидат преместени не во собата „Светски лидери“, каде што се Абрахам Линколн и папата, ниту во „Значајни Канаѓани“, туку во собата „Забава од А-листа“, па ќе бидат покрај Бред Пит и Морган Фримен.