„ИКЕА“ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ГО ПЕЧАТИ СВОЈОТ КАТАЛОГ ПО 70 ГОДИНИ

Стокхолм, (Би-Би-Си)

„ИКЕА“ објави дека по 70 години ќе престане да го печати својот традиционален каталог, што е една од најголемите годишни публикации на светот. Од шведската компанија за мебел кажаа дека сѐ помалку луѓе го читаат хартиениот каталог, како што муштериите се префрлаат на дигиталните алтернативи.

Каталогот го достигна својот врв во 2016 година, кога бил отпечатен во 200 милиони копии и дистрибуиран на повеќе од 50 пазари. Последното издание, за 2021 година, ќе има пет пати помал тираж.

Првото издание беше составено од основачот на компанијата Ингвар Кампрад во 1951 година. Имал тираж од 285.000 копии и бил дистрибуиран само во јужна Шведска.

„Каталогот стана омилена и легендарна публикација и важен фактор на успехот на ‘ИКЕА‘ да стигне до муштериите и да ги инспирира. Одлуката да ја свртиме последната страница е емотивна, но и рационална“, соопшти компанијата, додавајќи дека нејзините дигитални продажби пораснале за 45% минатата година.