КАРНЕВАЛОТ ВО РИО ОДЛОЖЕН НА НЕОДРЕДЕНО ВРЕМЕ

Рио де Жанеиро, (Ројтерс)

Карневалот во Рио де Жанеиро нема да се одржи ни во јули, објави градоначалникот. Бразил се соочува со силен втор бран на коронавирус, а Владата е под притисок поради бавното снабдување со вакцини.

Градоначалникот Едуардо Паес објави на Твитер дека е свесен за економските и културни придобивки што на градот му ги носи најпознатата светска забава, која традиционално се одржува во февруари, но ќе биде невозможно таа да се случи дури и во средина на 2021.

„За мене нема смисла, од денешна гледна точка, да го одржиме карневалот во јули. Сакам да ве информирам дека нема да имаме карневал во средина на 2021“, напиша тој.

Карневалот во Рио лани привлекол 2,1 милион луѓе, донесувајќи приход од 725 милиони долари. Ова е негово прво одложување од 1912 година.