КРАЛСКИТЕ ФОТОПОРТРЕТИ ВО ТЕКОТ НА 100 ГОДИНИ НА ИЗЛОЖБА ВО ЛОНДОН

Лондон, (Ројтерс)

Над 150 фотографии и документи од Кралската колекција и Архивот се дел од изложбата „Кралски портрети: еден век фотографија“, што се отвори во Галеријата на кралот во Бакингамската палата во Лондон. Некои од нив првпат се претставуваат во јавноста.

„Оваа изложба ја прикажува еволуцијата на фотографијата со кралски портрети во изминатиот век, од гламурот на високото општество од 1920-тите до крунисувањето на Чарлс Трети во 2023“ , вели Алесандро Насини, куратор на изложбата.

Фото: ЕПА

Поставката, меѓу другото, содржи фотографија од 1923 од свршувачката на принцот Алберт и Елизабет Боулс-Лион, кои подоцна станаа крал Џорџ Петти и кралица Елизабета, а блиску до неа е поставена фотографија од крунисувањето на нивниот внук Чарлс Трети од 2023. .

„Тие фотографии се точно 100 години разлика. Од една страна имаме аналогна технологија, а дигитална на другата. Монохроматска и во боја. Интимност и официјалност“, додава тој.

Изложени се и разнобојни принтови на Енди Ворхол од Елизабета Втора, воени фотографии од кралското семејство, портрет на Кејт и слики од кралското семејство од познати фотографи, меѓу кои Ени Либовиц, Дејвид Бејли и Ранкин.

Фото: АФП