МАКЕДОНСКИ И АМЕРИКАНСКИ УМЕТНИЦИ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ ВО ТАНЦОВИОТ МАРАТОН НА ТАНЦ ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонски и американски уметници ќе настапат на годинашниот Танц фест, што ќе се одржи во почетокот на следниот месец, кога ќе се одбележи јубилејот 30 години современа македонска танцова сцена.

„Исклучително сум задоволна што и покрај целата ситуација, успеваме да го организираме Танц фест, кој годинава ќе се одвива под мотото ‘Потрага по допир‘ и се надевам дека нашата публика ќе ужива во современите танцови креации на македонски и американски уметници. Со цел да го намалиме ризикот од коронавирусот, се одлучивме за танцов маратон. Целата програма ќе се пренесува и онлајн“, вели Рисима Рисимкин, уметнички директор на фестивалот.

Танц фест за првпат ќе има земја во фокус и во оваа програма ќе бидат претставени пет реномирани американски кореографи, од кои во Скопје ќе пристигнат Меган Бриџ и Кристин Бонанси.

Танцов маратон, кој ќе се состои од 15 кореографии, ќе се одржи на 4 и 5 септември, со почеток во 20 часот, во паркот кај МКЦ, додека другиот дел ќе може да се проследи онлајн, преку Јутјуб каналот на Танц фест. Влезот на фестивалот ќе биде слободен, со ограничен број на места.