Лео Меси е најплатениот спортист на светот, со заработка од 127 милиони долари во изминатите 12 месеци, објави магазинот „Форбс“.

Второто место го зазема неговиот најголем ривал Кристијано Роналдо со заработени 109 милиони, додека трет е уште еден фудбалер, Нејмар, со 105 милиони.

Боксерот Флојд Мејведер воопшто го нема на листата, откако лани беше прв со 285 милиони долари. Друг куриозитет е што Серена Вилијамс е единствената жена на топ-100 листата на „Форбс“, со заработени 29,2 милиони долари (63. место).

Американскиот магазин ги собира примањата на спортистите од платата, наградните фондови и спонзорските договори, при што предвид беше земен периодот од јуни 2018 до јуни 2019.

Најплатените 100 спортисти доаѓаат од 25 земји и нивните вкупни приходи изнесуваат четири милијарди долари. Во првите десетмина уште се Канело Алварес (бокс, 94 милиони долари), Роже Федерер (тенис, 93,4), Расел Вилсон (американски фудбал, 89,5), Арон Роџерс (американски фудбал, 89,3), Леброн Џејмс (кошарка, 89), Стеф Кари (кошарка, 79,8) и Кевин Дурант (кошарка, 65,4).