Италијанската модна куќа „Џорџо Армани“ ја претстави својата женска колекција есен/зима 2020 на ревија во Милано на која што немаше гости. Ваква одлука беше донесена во последен момент поради ширењето на коронавирусот во северна Италија, што ескалираше викендов.

Место тоа, ревијата се пренесуваше во живо на Фејсбук и Инстаграм.

Шоуто се одржа во празна сала во рамките на Модната недела во Милано, која почна на 18 февруари. Ревијата ја затворија 12 кинески модели кои носеа креации од разни колекции од 2009 до 2019 година, со што модната куќа „сакаше да ѝ испрати љубовна порака“ на земјата во која има најмногу заразени и починати од коронавирусот.