ЛАГЕРФЕЛД И „ШАНЕЛ“ КРИТИКУВАНИ ЗА СЕЧА НА СТАРИ ДРВЈА ЗА РЕВИЈАТА ВО ПАРИЗ

Париз, (Дојче веле)

Сценографиите на германскиот дизајнер Карл Лагерфелд за ревиите на модната куќа „Шанел“ не се ништо помалку од спектакуларни. Во минатото, Лагерфелд има поставено писта во вид на аеродромски терминал, супермаркет, антички грчки храм, па дури и вселенско летало.

Сепак, ревијата за есен/зима 2018 година, која се одржа во Големата палата во Париз, доби остри критики од активистичката група „Француска природна средина“, која го обвини Лагерфелд за ерес поради сечење на дрвја стари 100 години заради настанот.

Пистата беше покриена со тони суви лисја, а моделите се движеа меѓу дабови дрвја и тополи, поставени во средината на салонот, носејќи креации од колекцијата што се фокусираше на есенските бои со контрастни додатоци во неонски нијанси.

Модните новинари едногласно ги пофалија севкупниот дизајн и колекцијата

Активистите изјавија дека луксузниот бренд се обидува да „претстави зелена слика за себеси, додека целосно се оградува од зачувување на природната средина“. Тие додадоа дека „Шанел“ не успеа да ја докаже поентата на шоуто.

Претставниците на куќата брзо одговорија, негирајќи дека дабот и тополите донесени од шума во западна Франција биле стари повеќе од еден век, но додадоа дека „при купувањето на дрвјата, ‘Шанел’, исто така, ветил дека ќе засади 100 нови дабови дрвја во срцето на истата шума”.

Исечените дрвја беа искористени за да се направат клупи за бројните познати личности и клиенти, меѓу кои и холивудската ѕвезда Кира Најтли, британската поп-пејачка Лили Ален и поранешната француска прва дама Карла Бруни Саркози.

Модните новинари едногласно ги пофалија севкупниот дизајн и колекцијата, а „Харперс базар“ напиша дека оваа ревија е, можеби, најдоброто од Лагерфлед досега.