МЕЛАНИЈА ТРАМП ГО НАПУШТИ ВАШИНГТОН ВО ЦРНО, А ВО ФЛОРИДА СЛЕТА ВО ВЕСЕЛИ БОИ

Вашингтон, (Инсајдер)

Доналд и Меланија Трамп ја избегнаа вчерашната церемонија на која Џо Бајден беше устоличен во нов претседател на САД и неколку часови порано го напуштија Вашингтон и заминаа за Флорида.

Сега веќе бившата прва дама на САД избра целосно црна комбинација за заминувањето од Белата куќа, дизајнирана од европските модни брендови „Шанел“ и „Долче и Габана“. Тоа беше целосна спротивност со модата на инаугурацијата, за која Џил Бајден и Камала Харис беа облечени од млади и малку познати американски дизајнери.

Меланија Трамп при последното излегување од Белата куќа како прва дама (Фото: АФП)

„Облеката на Меланија Трамп беше соодветен крај за нејзиното време како прва дама, носејќи ги нејзините омилени брендови кои не вклучуваат американски дизајнери“, изјави Ванеса Фридман, модна критичарка на „Њујорк тајмс“.

Меланија Трамп излезе од авионот во Флорида во релаксирано издание и во сосема поинакви, ведри бои, носејќи фустан на „Гучи“, вреден 3.700 долари.

Иако е прва дама само неколку часа, Џил Бајден навести дека ќе има поинаков пристап кон својата облека, нагласувајќи дека сака да соработува и да промовира американски дизајнери.