МОДНИТЕ КУЌИ ЌЕ ПРЕСТАНАТ ДА АНГАЖИРААТ МАЛОЛЕТНИ МОДЕЛИ

Париз, (Би-Би-Си)

Модните куќи обединети во француската групација „Керинг“ објавија дека ќе престанат да ангажираат малолетни модели за свои ревии и рекламни кампањи. Дел од оваа групација се брендови како „Гучи“, „Баленсијага“, „Сен Лоран“ и „Александер Меквин“ и новата политика ќе стапи на сила од сезоната есен/зима 2020/21.

„Нашата компанија е свесна за влијанието што го има на помладите генерации. Имаме одговорност да ги преземеме најдобрите можни практики, што се надеваме ќе ги следат и останатите“, изјави извршниот шеф на „Керинг“, Франсоа-Анри Пино.

Одлуката на „Керинг“ доаѓа во времето кога модните брендови се обидуваат да станат поетички, како во дизајните, така и во работните пракси. Советот на модните дизајнери на САД лани донесе слична одлука.

„Младите модели сѐ уште не се доволно зрели, а со тоа можат да се соочат и со голем притисок во работата“, кажа извршниот директор на Советот, Стивен Колб.

Наоми Кембел имаше само 16 години кога ја почна кариерата, Кејт Мос беше откриена на 14-годишна возраст, а и Брук Шилдс се појави на насловната страница на „Вог“ кога имаше само 14 години.