„МОЈ ТЕРМИН“ НА ЕВТИМОВ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно ќе се изведе современата комедија „Мој термин“ (претходно најавена со работниот наслов #ТикТак), во режија на Синиша Евтимов.

Претставата е поставена по мотивите на филмот „Тoc toc“ (Trastorno Obsesivo Compulsivo или во превод од шпански јазик, Опсесивно-компулсивно нарушување) на францускиот писател Лорен Бафи и шпанскиот режисер Висенте Виљануева. Преводот на текстот го направи Благоја Бошковски, додека на неговата адаптација работеа Евтимов и Бошковски.

Играат Јордан Симонов, Тања Кочовска, Оливер Митковски, Николина Кујача, Александар Микиќ, Сашка Димитровска и Александар Михајловски.

„Главното дејство во ‘Мој термин’ отвора повеќе прашања поврзани со опсесивно-компулсивните нарушувања, како хронични нарушувања карактеристични по обземачките несакани мисли (опсесии) и ритуализирани повторливи однесувања (компулсии), кои ви се чини дека сте принудени да ги правите. Изведувањето на ритуалите најчесто не носи никакво задоволство, а, сепак, тие нудат минливо олеснување за немирот генериран од обземачките мисли“, се вели во најавата на претставата.

Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Александар Ношпал, а дизајнер на маските Горан Игњатовски. Поради експлицитните реплики од текстот, претставата е наменета за возрасна категорија +18.