Принцот Чарлс влезе во светот на модата во осмата деценија од животот и во пресрет на 72. роденден ја претстави својата прва колекција на одржлива облека, која притоа е и доста скапа.

„Отсекогаш сум верувал во филозофијата ‘купи еднаш, носи долго‘. Мразам да фрлам облека, преферирам да ја поправам“, кажа Чарлс за магазинот „Вог“.

Колекцијата е креирана од британски и италијански студенти во рамките на тренинг-програмата за одржлива мода организирана од Чарлс, во што тој соработува со меѓународната платформа за онлајн продажба „Јокс нет-а-порте“. Од фондацијата на Чарлс велат дека колекцијата е инспирирана од Леонардо да Винчи.

Таа содржи 18 парчиња облека и само едно од нив, женски џемпер од кашмир, чини помалку од 500 долари, поточно 475. Капутот од волна и кашмир има цена од 1.500 долари, но целиот профит од продажбата ќе биде дониран во фондацијата на Чарлс.