МУЗИКА НА ЛЕДЕНИ ИНСТРУМЕНТИ СЕ СЛУША НА ИТАЛИЈАНСКИТЕ АЛПИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Торино, (АФП)

Американскиот уметник Тим Линхарт изработува инструменти од мраз и раководи со оркестар на локални музичари, кои одржуваат концерти на температури под нулата во игло на италијанските Алпи.

„Шеснаесет години изработував скулптури од снег и мраз за моето родно Њу Мексико и одлучив дека е кул да направам скулптура на виолина“, вели 59-годишниот Линхарт.

За изработка на мандолина на Линхарт му се потребни пет до шест дена, а за поголемите инструменти и месеци (Фото: АФП)

Оттогаш има изработено виолина, виола, сет тапани, ксилофон, контрабас, мандолина, виолончело и огромен Роландофон, инструмент со цевки, што е негов изум.

Линхарт користи мешавина од вода и снег за да ги изгради ѕидовите на инструментот, го става во калап, па става метален ‘рбет, на кој се закачуваат жиците и се затегнуваат. За изработка на мандолина му се потребни пет до шест дена, а за поголемите инструменти и месеци.

„Тие се неверојатно кревки. Кога ги градите, постои постојан ризик дека ќе се распаднат на илјада парчиња“, вели виолончелистот Никола Сегата.

Но, интензитетот на музиката произведена од ледените инструменти предизвикува силни емоции кај публиката, наспроти нивната кревкост, додаде тој.