НА 25 НОЕМВРИ ПО ТРЕТПАТ ЌЕ СЕ ИЗБИРААТ НАЈУСПЕШНИТЕ МАЖИ ВО МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 25 ноември, според сите ковид протоколи, по третпат ќе се избираат мажи на годината во Македонија. Годинава, изборот ќе се врши во поинаков концепт, во формат на шоу и ќе се пренесува на првиот канал на Македонската радиотелевизија.

„Мотивот да ги избереме најуспешните мажи во нашата држава е огромен, пред сѐ, поради ситуацијата со коронавирусот, која ни ги поремети плановите и навиките. Иако се наоѓаме во исклучително тешка година, ние традиционално ќе ги славиме најуспешните мажи и оваа 2020“, изјавија организаторите.

Мажи на годината е настан кој за првпат се одржа во 2018 година, во организација на „Фрајдеј комуникации“ и првиот специјализиран онлајн магазин кај нас www.friday.mk или по ново „Џентлмен магазин“. Во изборот се вклучени голем број на докажани професионалци во разни области, како и целокупната јавност, кои номинираат и даваат свој директен придонес во целиот процес.

За маж на годината во 2018 беше избран лекарот Владимир Чадиковски, а во 2019 тоа беа Мислав Галер и Божидар Јанковски.