Најголемата слика на светот, создадена од британскиот уметник Саша Џафри, се продаде за 62 милиони долари, што ќе бидат донирани за разни проекти за деца во сиромашните делови од светот.
Делото „Патување на човештвото“, кое во септември влезе во Гинисова книга на рекорди, се простира на 1.595 квадратни метри и 44-годишниот Џафри го правеше осум месеци во балската сала на хотелот „Палмата Атлантис“ во Дубаи. Тој планираше да го продава во 70 делови во наредните години, очекувајќи да собере 30 милиони долари, но францускиот бизнисмен Андре Абдуне го купи цело за двојно повеќе пари.
„Воодушевен сум од она што се случи. Собравме толку многу пари за една слика во една ноќ“, изјави Џафри.
Тој почнал да го прави делото откако ги повикал децата од цел свет да му праќаат свои дела на тема како се чувствуваат во време на пандемија и добил одговор од 140 држави.