ЊУЈОРК ДОЗВОЛИ МАСОВЕН ДОЧЕК НА НОВАТА ГОДИНА НА ТАЈМС СКВЕР

Њујорк, (Би-Би-Си)

Њујорк ќе ја дочека новата 2022 година со голема прослава на Тајмс сквер, која важи за една од најпознатите на светот, објави градоначалникот Бил де Блазио. Настанот беше затворен за посетители минатата година поради пандемијата на коронавирусот.

Оние кои ќе сакаат да го гледаат традиционалното паѓање на топката, со што се означува почетокот на новата година, ќе мора да приложат доказ за примени две дози на вакцината или негативен ковид тест. Невакцинираните ќе мора да носат маска.

„Конечно можеме да се собереме сите заедно. Ќе биде неверојатно, ќе биде радост за целиот град“, кажа Де Блазио.

Њујорк масовно слави Нова година на Тајмс сквер од 1904. Минатата година, градот забрани собири, а на Тајмс сквер беше само мала група здравствени работници.