БЕЛГИСКОТО ГРАТЧЕ ПУРС ПОЗНАТО ПО БЕЛИОТ АСПАРАГУС И ПИВОТО „ДУВЕЛ“ СЕГА Е ВО МИСИЈА ДА ГО СПАСИ СВЕТОТ ОД ПАНДЕМИЈАТА

Пурс, (Дејли мејл)

На прв поглед, белгискиот град Пурс е една улица и неколку продавници, а центарот лесно може да се помине пешки за само десет минути.

До пред еден месец, ова мирно гратче со 17.000 жители беше познато по белиот аспарагус и силното пиво „Дувел“, кои се и негови главни извозни производи, но Пурс сега е во мисија да го спаси светот од пандемијата. На периферијата на Пурс се наоѓа еден од најголемите погони за производство и пакување на „Фајзер“, американската компанија која со својот германски партнер „Бионтек“ ја создаде првата ефективна вакцина против ковид-19, што веќе почна да се дистрибуира и користи во Велика Британија. Во наредните денови и месеци, од Пурс кон светот ќе тргнат милиони дози од вакцината која треба да помогне да се стави крај на пандемијата на коронавирусот за животот да се врати во нормала.

Пурс има само 17.000 жители и е на 25 минути возење од извозните центри Брисел и Антверпен

„Отсекогаш велиме дека ние ќе го спасиме светот, такво чувство постои во градот“, вели градоначалникот Кун фан ден Хојвел.

Тој дојде на функцијата во 1996, шест години пред „Фајзер“ да ја купи ривалската компанија „Фармација“.

„Што и да побараат од ‘Фајзер‘, јас се обидувам да им го исполнам. Од нивните даноци се полнат 7% од буџетот на градот“, вели Фан ден Хојвел.

Пурс е оддалечен од извозните центри Брисел и Антверпен само 25 минути возење, па освен „Фајзер“, во оваа област свои фабрики имаат и други фармацевтски компании, како „Новартис“ и „Алкон“. Овој сектор денес брои повеќе од 5.000 вработени.

Пред пандемијата, Пурс секоја пролет организираше фестивал посветен на својот аспарагус или бело злато, како што го нарекуваат. Тој е и дом на пиварницата „Мортгат“, која го произведува светски познатото пиво „Дувел“, што значи ѓавол на холандски, соодветно за неговата јачина од 8,5% алкохол.