ТЕНОРОТ НАЦОСКИ ВО НОБ ЌЕ ПЕЕ ДЕЛА НАПИШАНИ НА СТИХОВИТЕ ОД КОНЕСКИ, ШОПОВ И РАЦИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тенорот Благој Нацоски, кој живее во Италија, вечерва од 20 часот во Националната опера и балет (НОБ) ќе го одржи концертот „Везилка“, во рамките на Деновите на македонска музика.

Нацоски ќе изведе дела од македонските композитори Скаловски, Прокопиев, Фирфов, Зографски, Цанев, Стојков, Џамбазов и Имери, создадени во различни периоди во последните пет децении. Тие се напишани на стихови од Кочо Рацин, Славко Јаневски, Владо Малески, Ацо Шопов и Блаже Конески. Повеќето од делата ќе имаат своја праизведба со гудачки оркестар, откако досега беа изведувани само со пијано придружба.

„Кога сме кај оркестарот, со мене ќе настапи ‘Профундис’, под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ. Концертот го насловивме ‘Везилка’ бидејќи три од соло песните се на стихови од Блаже Конески, а овие денови се совпаѓаат со годишнината од раѓањето и смртта на овој голем книжевник и кодификатор на современиот македонски литературен јазик“, изјави Нацоски за МИА.

Еден час пред концертот, во фоајето на НОБ ќе се отвори изложба на портрети од македонски композитори.