БЕРМУДА И БАРБАДОС СЕ ОТВОРААТ ЗА СТРАНЦИТЕ КОИ САКААТ ОТТАМУ ДА РАБОТАТ НА ДИСТАНЦА

Хамилтон, (Бизнис инсајдер)

Работењето од дома, односно на дистанца стана една од најголемите придобивки на пандемијата на коронавирусот, што значително може да го промени начинот на функционирање на бизнисите во иднина. Некои држави дојдоа на идеја да извлечат и економска корист од ова.

Владата на Бермуда им нуди едногодишен престој на оние кои се заинтересирани да работат или студираат на дистанца, следејќи ги сличните примери на Барбадос и Грузија. Како услови е наведено дека тие мора да бидат постари од 18 години, да имаат „добар карактер“ и здравствено осигурување и треба да приложат доказ за вработување или запишано високо образование. Целта е да се поттикнат економската активност и туристичката индустрија на државата, без да се загрозат работните места на локалните жители.

„Работењето на дистанца е растечки тренд веќе некое време и пандемијата на ковид-19 само го забрза. Тоа е нешто што владата на Бермуда сака да го вклучи во својата технолошки фокусирана разновидна економска стратегија“, изјави министерот за труд Џејсон Хејворд.

Програми за работење на дистанца неодамна лансираа и Грузија, која нуди шестмесечни визи, и Барбадос, кој овозможува да се живее и работи во земјата една година.