По три месеци карантин, Ирска оваа недела ги олесни рестриктивните мерки, што им овозможи на граѓаните и да се вратат во пабовите.
„Како ми се чини првата кригла? Апсолутно брилијантно“, вели 64-годишниот Џими Нокс од Даблин.
Иако пиењето пиво во паб доаѓа со одредени ограничувања, Нокс не се жали. За воопшто да може да се седне во паб, претходно мора да се резервира маса, дозволени се групи од најмногу четири лица, а задржувањето е ограничено на 105 минути. Исто така, не е дозволено пеење.
Утре и Англија ги отвора своите пабови за првпат од 23 март, Велс на 13 јули, додека Шкотска сѐ уште нема утврдено датум. Утрешната „суперсабота“ се очекува со голема возбуда во Англија, при што здравствените служби ги предупредија луѓето да не претеруваат.
„Откако отворивме, имаме доста работа, полно е секоја вечер. Луѓето беа затворени три и пол месеци и среќни се што можат да излезат“, вели Џо Кејхил, сопственик на бар во Даблин.
Полно е, сепак, релативен збор. Според новите правила, повеќето пабови смеат да примат помалку гости од порано, тие мора да седат цело време и не смеат да се мешаат со други групи луѓе. Секој гостин мора да остави телефонски број и и-мејл ако затреба да се следи некој контакт.
„Луѓето се прилагодуваат. Кога ќе им кажам дека нивните 105 минути се истечени, стануваат и си одат“, додаде Кејхил.