ПЕРТ ЌЕ ГРАДИ ЈАВЕН ТОАЛЕТ ЗА 278.000 ДОЛАРИ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ИНСТАГРАМЏИИТЕ

Перт, (Си-Ен-Ен)

Најфотографираната туристичка атракција во Перт (Австралија) не е споменик, уметничко дело или локалитет заштитен од УНЕСКО. Тоа е светлосина дрвена куќарка, што локалните жители не ја ни забележуваат. Но, благодарение на Инстаграм, оваа барака за бродови стана главна локална вест, затоа што Перт ќе потроши стотици илјади долари за инсталирање на јавен тоалет во близина заради бројните туристи кои застануваат тука за да фотографираат.

Куќарката претставува прекрасна позадина на најголем број фотографии кои тука се сликаат. Исто така е во близина на една од најфреквентните улици во Перт. За да ја посетат куќарката, туристите главно паркираат во најблиските улички, па пешки ја минуваат улицата, што може да биде доста стресно и опасно.

„Изградбата на објектот ќе им овозможи на посетителите да седат колку сакаат на локацијата“, велат од општината

Градскиот совет на Перт дискутираше за зголемениот интерес за куќарката и беше утврдено дека најблискиот јавен тоалет се наоѓа на 2,4 километри. На советот било кажано и дека сопственикот на најблискиот ресторан се жалел оти туристи постојано му го користат тоалетот и притоа знаат да бидат вулгарни и насилни.

За да го реши проблемот, Перт одлучи да го изгради својот прв тоалет на соларна енергија, кој ќе чини 278.000 долари, а годишно ќе се одделуваат 14.000 долари за одржување.

„Изградбата на објектот ќе им овозможи на посетителите да седат колку сакаат на локацијата“, рекоа од Градскиот совет.