Дневните тури на туристи ја исцрпија тајландската плажа позната по филмот „Плажа“ со Леонардо ДиКаприо.

Плажата на заливот Маја, на островот Фи Фи Ли во Андаманското Море, ќе биде затворена за посетители четири месеци годишно, почнувајќи од јуни, за да се овозможи обновување на коралните гребени и на морскиот живот.

„Плажата наликува на човек кој работел со децении без прекин. Истрошен и уморен. Сите убавини на плажата ги снема. На плажата ѝ е потребна пауза“, изјави Тон Тамронгвавасват, морски научник и член на тајландската национална стратегија за развој на животната средина.

Повеќе тајландски морски национални паркови се затворени од средината на мај до средината на октомври, но поради туристичката побарувачка, заливот Маја остана отворен во текот на целата година, откако екипата од Холивуд стапна таму во 1999 година, за да го сними филмот „Плажа“ според романот на Алекс Гарланд.

На познатата плажа, дневно во просек пристигнуваат 200 чамци и 4.000 посетители.

Неодамнешните истражувања откриле дека голем дел од коралните гребени околу областа ги нема, а морскиот живот практички исчезнал. Кога ќе се отвори плажата, властите ќе постават дневен лимит од 2.000 туристи.

Минатата година, повеќе од 35 милиони туристи го посетија Тајланд, во споредба со околу 10 милиони во 2000, кога „Плажа” беше премиерно прикажан.