Петгодишната свиња ЛиЛу и нејзината сопственичка Татјана Данилова се вклучени во програмата Wag Brigade на аеродромот во Сан Франциско, преку која животните издресирани за терапија им помагаат на вознемирените патници.
Со пилотска шапка и налакирани нокти, ЛиЛу подига шепа во знак на поздрав, позира за селфи и ги забавува патниците кои чекаат на заминување со нејзината играчка пијано.
„Луѓето се навистина среќни што за момент им се одвлекуваат мислите од претстојното патување, без разлика дали е службено или приватно. Сите сметаат дека е одлична идеја“, вели Данилова.
Менаџерката за услуги на патниците Џенифер Казаријан вели дека ЛиЛу е прва свиња од аеродромската програма за терапија, во која се вклучени кучиња од сите раси и големини и дека придонела за зголемување на чувството на заедништво на аеродромот.
„Кога ја почнавме програмата, наша главна цел беше да ги ослободиме патниците од стресот. И успеваме да го постигнеме тоа, но и се зближивме со нашите патници и тоа е прекрасно“, вели Казаријан.