ВО 2018 ЌЕ СЕ ПАТУВА НА МЕСЕЧИНАТА, АНТАРКТИК, НО И ДО „ТИТАНИК“

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

2018 ќе биде возбудлива година за британското кралско семејство, кое го очекуваат и свадба и принова, и за спортските фанови поради Светското фудбалско првенство во Русија и Зимската олимпијада во Јужна Кореја.

Оние со подлабок џеб, пак, ќе можат да си дозволат патувања какви што не биле можни во минатото.

Слетување на Месечината

Водејќи се од слоганот „Месечината сум јас“, „Мун експрес“, компанија основана од група бизнисмени од Силиконската Долина, најави дека во 2018 година дефинитивно ќе реализира слетување на Месечината.

Доколку мисијата биде успешна, „Мун експрес“ ќе биде првата приватна компанија која го извела тоа.

Целта на компанијата е да отвори пат за идно населување на Месечината и искористување на нејзините природни ресурси.

Редовни летови на Антарктик

До 2018 година, доколку сте сакале да го посетите вечно замрзнатиот континент, сте морале да изнајмите приватен чартер лет или да одите со брод.

Почнувајќи од наредната година, туристите ќе можат да фатат редовен лет од најјужниот дел на Аргентина и да стигнат до аргентинската база Марамбио на островот Симор, што се наоѓа 3.300 километри од Буенос Аирес.

Планирано е комерцијални летови за Антарктик да има двапати неделно, а патувањето ќе трае час и половина, соопшти државната авиокомпанија ЛАДЕ.

Посети на „Титаник“

Повеќе од 100 години од најпознатата поморска несреќа на сите времиња, приказната за „Титаник“ сѐ уште го фасцинира светот.

Почнувајќи од мај наредната година, најголемите фанови ќе имаат можност да ги посетат остатоците од некогаш луксузниот брод, што почива на дното на Атлантскиот Океан од 1912 година.

Компанијата „Блу марбл“ ќе организира осумдневни тури, што ќе тргнуваат од Њуфаундленд, Канада и ќе ги носи туристите речиси четири километри под морето.

Цената на аранжманот е 105.000 долари и првото патување е веќе целосно резервирано.