ЖИВОТОТ ПОД ЕТНА – ЕРУПЦИИТЕ СЕ СПЕКТАКУЛАРНИ, НО ОСТАВААТ ТОНИ ПРАШИНА ВО ГРАДОВИТЕ

Катанија, (Би-Би-Си)

Како и повеќето жители на Катанија, и Ирене Корзаро научила како брзо да стигне дома по улиците прекриени со вулканска прашина. Само во изминатите три недели, Катанија сведочеше на 12 ерупции од Етна, еден од најживите вулкани во Европа.

Овие епизоди креираат спектакуларен природен огномет, исполнет со меури, фонтани и потоци од лава. За неколку минути, врз околните градови и села паѓаат снегулки од пепел и други остатоци.

Слушнав ненадејно крцкање. Мислев дека е од пепелта на улиците, но тоа беа делчиња од лава што паѓаа врз мојот автомобил од огромен црвен облак што беше директно над мене. Беше тешко да се дише“, вели Корзаро.

Центарот на Џаре прекриен со вулканска прашина по една од ерупциите (Фото: Ројтерс)

Етна повторно се активираше на 16 февруари, кога ја имаше првата во низата насилни елизоди, што со тек на време се засилуваа. Облаците од сулфур диоксид, видливи од вселената, стигнаа до Кина, но пепелта и потешката лава останаа во околината, погодувајќи најмалку 16 градови сместени околу вулканот.

Етна исфрли 40 милиони кубни метри вулкански материјал. Тоа е многу. Ерупциите се спектакуларни, но и предизвикуваат непријатности, бидејќи сѐ е прекриено со прашина“, вели Борис Бенке, кој ја набљудува Етна за Националниот институт за геофизика и вулканологија.

Жителите на Катанија веќе се навикнати на вакви глетки (Фото: АП)

Штетите во околината беа огромни и властите прогласија кризна состојба во 43 градови.

Се соочивме со шест килограми вулканска прашина на секој квадратен метар, вкупно 12 тони. Последниот црн дожд траеше половина час и насобра ѓубре колку за цела година. Тоа ќе нѐ чини 600.000 евра и загрижени сме, зашто повторно ќе се случи“, вели Анџело Д‘Ана, градоначалникот на Џаре, каде што училиштата беа затворени три дена.

Локалните жители дури мораа да ја собираат вулканската прашина во проѕирни кеси и не смееја да ја мешаат со обичното ѓубре. Властите немаат план што да прават со неа.

Вакви епизоди не се невообичаени за Етна, но сѐ додека активностите се случуваат на врвот, нема опасност за луѓето. Експертите велат дека е невозможно да се предвиди кога вулканот ќе се смири.