ПИЈАНО НА ФРЕДИ МЕРКЈУРИ СЕ ПРОДАДЕ НА АУКЦИЈА ЗА 1,7 МИЛИОНИ ФУНТИ, ВО ПОНУДА СЕ НАД 1.450 ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Мало пијано што Фреди Меркјури го користел за да ги компонира некои од најголемите хитови на „Квин“ се продаде на аукција за 1,7 милиони фунти. Меѓу песните што Меркјури ги создал со помош на ова пијано е „Боемска рапсодија“, чии рачно напишани стихови достигнаа цена од 1,38 милиони фунти.

Над 1.450 предмети се продаваат на шест аукции, организирани од Мери Остин, најблиската пријателка на Меркјури.

Круната и наметката дизајнирани за турнејата „Магија“ во 1986 година се продадоа за 635.000 фунти, а сребрената змиска алка од спотот за „Боемска рапсодија“ достигна цена од 698.500 фунти, 100 пати повеќе од проценетата.

Круната и наметката дизајнирани за турнејата „Магија“ од 1986 се продадоа за 635.000 фунти (Фото: Сотбис)

Меркјури поседуваше и голема колекција уметнички дела, меѓу кои и од Дали и Пикасо, кои исто така ќе се продаваат на аукција. Предметите досега се наоѓаа во домот на Меркјури во Кенсингтон во Лондон, што тој ја остави на Остин.

„Оваа колекција ве носи подлабоко во личноста на човекот кој го познавав. Го гледате спектарот на неговиот вкус. Тоа е многу интелигентна, софистицирана колекција“, кажа Остин.

На првата аукција, одржана вчера во „Сотбис“, биле продадени предмети во вкупна вредност од 12,2 милиона фунти.

(Фото: Сотбис)