Најпознатата кукла на светот Пинокио, видена низ очите на 30 дизајнери и 30 графички дизајнери од Италија, е претставена во Чифте амам во Скопје на изложбата „Најдрагиот Пинокио“ (Carissimo Pinocchio).
Изложбата е по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – Приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Во Скопје дојде во соработка со Италијанската амбасада, Музејот за дизајн ADI во Милано и Националната галерија на Македонија (НГМ).
Куратор на изложбата е Џулио Јакети. Поставката содржи 60 дизајн проекти од 30 дизајнери и 30 графички дизајнери специјално создадени за изложбата.
„Различните изрази на чувствата и работата на толку многу италијански дизајнери даваат зголемен, калеидоскопски, изненадувачки изглед, прославувајќи го митот за Џепето, првиот италијански дизајнер“, стои во описот на изложбата.
Кокураторот и дизајнер Лука Мандонини вели дека му било чест да биде сведок на сите креативни фази на оваа изложба, која е создадена за да се прослави 140-годишнината од раѓањето на Пинокио, една од најпознатите италијански икони.
„Ова е прослава на ликот на Пинокио, но и на Џепето, неговиот творец, кој знаел максимално да искористи едноставно парче отпадно дрво, доаѓајќи до апсолутна формална синтеза: цилиндар, сфера, конусот на капата и секако, зашилено испакнување. Да се добие сè од ништо и да се најде вредност дури и во тривијално парче дрво. За да ја покажат оваа аналогија, безброј дизајнери во текот на годините го преземаа предизвикот да ја реинтерпретираат фигурата на Пинокио, секогаш одржувајќи го формалниот архетип“, рече Мандонини на отворањето.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: Ѓ. Личовски