ПОРТРЕТ НА МЕРИЛИН МОНРО ОД ВОРХОЛ ЌЕ СТАНЕ НАЈСКАПАТА СЛИКА ОД 20. ВЕК

Њујорк, (Ројтерс)

Портрет на Мерилин Монро што го насликал Енди Ворхол ќе се продава на аукција во мај, а вредноста му е проценета на рекордни 200 милиони долари.

„‘Shot Sage Blue Marilyn‘ од 1964 би можела да стане најскапата уметничка слика од 20. век што се продала на аукција“, изјави Алекс Ротер, претседателот на одделот на „Кристис“ за уметност од 20. и 21. век.

Ова е една од петте слики на Монро што ги направил Ворхол и ја прикажува легендарната актерка со жолта коса, розево лице и со светлосина сенка за очи. Делото моментално е во сопственост на фондацијата „Томас и Дорис Аман“ од Цирих, а парите од продажбата ќе одат за здравствени и образовни проекти за децата низ светот.

Најскапата слика од минатиот век сега е „Жените од Алжир“ на Пабло Пикасо, која се продаде за 179 милиони долари во 2015 година.