РОНАЛДО ПЛАТИ СЕДУМ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НАЈСКАПИОТ СТАН ВО ЛИСАБОН

Лисабон, (Сан)

Кристијано Роналдо стана сопственик на најскапиот стан во Лисабон, кој, меѓу другото, располага со базен и вежбалница. Станот од седум милиони евра се наоѓа веднаш до паркот Едуардо Седми, блиску до маалото каде што Роналдо поминал дел од своето скромно детство.

Тамошните медиуми јавуваат дека Роналдо морал да наддава за станот со двајца милионери и го купил откако за два и пол милиони евра ја продал својата вила во северна Португалија. Оваа вила беше изградена пред десет години, додека Роналдо играше во Манчестер јунајтед, но се решил да ја продаде зашто таму веќе немал доволно приватност.

Новиот лисабонски дом на Роналдо има 400 квадратни метри и вклучува три големи спални соби, спа, вежбалница и базен на покривот на зградата.

Роналдо живее во Торино со својата девојка Хеорхина Родригес откако летото 2018 потпиша за Јувентус и соседите велат дека немаат проблеми со него.

„Многу е тивко, нема забави. Често го гледаме зад воланот на ‘ролс-ројс‘, но знаеме дека има и спортски автомобили во гаражата. Кристијано Јуниор постојано го следат телохранители кога се игра на улица“, изјави неговата сосетка Елизабет.