Целиот тим на Јувентус е во изолација откако бекот Даниеле Ругани имаше позитивен тест на коронавирус. Во карантин е и Кристијано Роналдо, но на островот Мадеира, каде што на располагање има два ката од луксузна седумспратна куќа со поглед на Атлантски Океан, што неодамна ја купил.

Тој се врати во Португалија минатата недела откако мајка му Долорес претрпе мозочен удар. Во куќата привремено престојува и неговиот брат.

Роналдо ги користи последните два спрата, а има и базен на покривот

„Кристијано Роналдо нема коронавирус. И Роналдо и неговото семејство немаат никакви симптоми“, изјави претседателот на регионалната влада на Мадеира, Мигел Албукерке.

Засега не е познато до кога Роналдо ќе остане во Фуншал, но Серија А е во прекин најмалку до 3 април.

„Светот поминува низ многу тешки моменти. Денеска ви зборувам не како фудбалер, туку како син, татко, човечко суштество кое е загрижено за развојот на ситуацијата што го погодува светот. Важно е да ги следите препораките на Светската здравствена организација и на владини тела“, порача Роналдо преку Твитер.