РУБЕНС КОРУБИН СЛАВИ ДВА ЈУБИЛЕЈА СО НОВА ИЗЛОЖБА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во Чифте амам ќе се отвори изложбата „Ателје – радоста на сликањето“ на еден од најреномираните македонски сликари Рубенс Корубин. Уметникот со оваа изложба слави 70 години живот и 45 години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград. На изложбата ќе има 70-ина дела, од кои 30-ина се нови, од изминативе четири-пет години, како и цртежи и слики од неговата лична колекција.

„Имам посебен однос кон ателјето, како со една нога да влегувам во друг свет. Тој свет не е толку изолиран од она што нѐ опкружува во животот, но секој од нас, секој предмет носи некоја аура. Сакав да го изнесам моето ателје малку надвор, да го претставам методот на работа. Некогаш може да читам весници и некоја фотографија ќе ме инспирира, скршена чаша, обичен жолт лист… Патуваме далеку, гледаме убави нешта, но некогаш во сопственото опкружување има толку многу работи, само ако сакате да погледнете, се отвора цел космос. Тој микрокосмос е фантастичен, таа иницијална каписла. Тој момент сакав да го изнесам надвор“, вели уметникот, кој е и поранешен професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.

Б. НЕСТОРОСКА