СЕ ПРОДАВА ПРВИОТ ПРОИЗВЕДЕН „ПОРШЕ“, ШТО ХИТЛЕР ГО ЗАМИСЛИЛ КАКО СПОРТСКА ВЕРЗИЈА НА „БУБА“

Минхен, (Би-Би-Си)

Неверојатно редок и историски значаен модел на „Порше“ ќе се продава на аукција во Монтереј ова лето. Овој целосно обновен „тајп 39“ од 1939 година се смета за првиот автомобил произведен од „Порше“, кој ги постави темелите на наредните успешни спортски модели на компанијата, што излегоа по Втората светска војна.

Приказната за него почнала во 1930-ите години, со 1.500 километри долгата трка меѓу Берлин и Рим, што никогаш не се случила. „Фолксваген“ тогаш го назначил Фердинанд Порше да дизајнира спортска варијанта на „бубата“, во интерес на промовирањето на новоизградената мрежа на германски автопатишта. Овој проект резултирал со „тајп 39“.

Со својот 1.1-литарски мотор со 50 коњски сили, тој можел да развие максимална брзина од околу 160 километри на час. Од трите направени примероци, еден бил уништен за време на војната, а друг од американски војници во мај 1945, за потоа да биде обновен и денес се чува во Автомобилскиот музеј „Питерсон“ во Лос Анџелес.

Фери Порше, синот на Фердинанд, бил сопственик на третиот примерок, единствен кој без оштетувања ја преживеал војната. Токму тој, откако смени неколку сопственици, ќе се најде на аукција во август и веројатно ќе постигне многу висока цена. Рекордот го држи моделот „917К“ на актерот Стив Меквин, кој во 2017 беше продаден за 14 милиони долари.