ДВЕ ЗАЕДНИЦИ ВО ЊУ ХЕМПШИР ТРАДИЦИОНАЛНО ПРВИ ГЛАСААТ НА ИЗБОРИТЕ ВО САД

Диксвил Ноч, (АП)

Две мали заедници во сојузната држава Њу Хемпшир традиционално први во САД излегуваат на избирачките места, веднаш после полноќ на 3 ноември, при што во една од нив тоа се прави веќе 60 години.

Во Диксвил Ноч, блиску до канадската граница, Џо Бајден ги освои сите пет гласови, а 20 километри јужно во Милсфилд го фаворизираат Доналд Трамп, кој освои 16 гласови, наспроти петте на неговиот противник.

„Вообичаено, гласањето е проследено со многу храна и претставници на медиумите, но тоа сега не беше можно поради пандемијата на коронавирусот. Ова е традиција што трае веќе 60 години, но, за жал, не можеме да прославиме“, изјави Том Тилотсон, градскиот модератор во Диксвил Ноч.

Третата заедница со полноќно гласање Хартс Локејшн ја прекина традицијата поради пандемијата.