Шкотскиот замок Данотар, кој се наоѓа на остра карпа над Северното Море, е отворен за туристи, но таму никој не ноќевал уште од 16. век. Според планот за кој ќе дебатира владата, Данотар би можел да стане еден од многуте шкотски замоци кои ќе се трансформираат во луксузни, но достапни хотели.
Планот се базира врз шпанскиот модел paradores, историски значајни објекти од области кои не се така туристички развиени со кои управува државата. Тој почна да се применува уште во 1928 година и денес во земјата има повеќе од 100 paradores, што вклучува замоци, тврдини, цркви, манастири, па дури и бивши затвори и болници. Преку нив, државата има остварено приход од 261 милион евра во 2019 година.
„Размислувавме кои се потребите на рурална Шкотска и што би можело да го помогне туризмот и да внесе пари во локалната економија. Фасцинантна е идејата да претвориме дел од нашите историски објекти, како манастири, замоци и руини, во луксузни хотели“, вели Фергус Мач, шефот на Шкотската национална партија за областа Абердиншаер, каде што има повеќе замоци на квадратен километар од кој било друг регион во Велика Британија.
Од Шкотската асоцијација на замоци кажаа дека сите предлози ќе ги разгледаат поединечно.