Сликата на Банкси на која се прикажани шимпанза како пратеници во Претставничкиот дом во британскиот Парламент се продаде на аукција за рекордни 9,9 милиони фунти. Неговото претходно најскапо дело достигна цена од 1,4 милиони фунти.
Делото „Devolved Parliament“, широко четири метри, било насликано во 2009. Проценето првично на 1,5 до два милиона фунти, делото за пет пати ја надмина оваа сума на аукцијата во „Сотбис“ во Лондон.
Банкси се огласи на Инстаграм и напиша дека „тоа е рекордна сума за негова слика“ и оти е „срамота што веќе не ја поседува“.
„Без разлика на која страна сте за брегзит, нема сомневање дека оваа слика е порелевантна сега од кога било“, рекоа од аукциската куќа.
„Devolved Parliament“ е најпознатото масло на платно на мистериозниот графити уметник. Го насликал за отворањето на музејот во Бристол во 2009.