Модната дизајнерка Евгенија Зафировска одржа модна ревија во Хрватска, на островот Брач. За новата колекција „Кога модата ја следи архитектурата“ вели дека облеката ја претставува како тело.
„Преку истражување пристапив и ја најдов најблиската врска помеѓу архитектурата и модата преку создавање на 3-Д структура и простор за телото, притоа дозволувајќи неограничено движење. Досегашните резултати покажуваат дека луѓето стануваат сè повеќе свесни за квалитетот и одржливоста што ни ги нудат малите серии облека, со што нè доближуваат до уникатноста, исто како што куќите, улиците и плоштадите се единствени на свој начин“, вели дизајнерката.
Модната ревија се одржала во Сутиван на Брач, од каде што потекнува бабата на Зафировска, која била костимографка.
„Мојата баба беше од Сутиван, имаме куќа тука и многу роднини и пријатели. Таа беше костимографка и работеше во театар во Скопје. Со општината минатата година договоривме проект за модна ревија. Мојата инспирација беа архитектурата на Сутиван и неговите главни знаменитости, поврзаноста на каменот со избраните материјали, рачните изработки кои нежно се вклопуваат со куќите и со тесните улички. Многу често сум инспирирана од архитектурата, таа е црвената нишка во мојата работа“, ни рече Зафировска.
Таа работи на релација Скопје-Љубљана. Во Љубљана има завршено моден дизајн, магистрирала и останала да работи под нејзиниот бренд „ЕЗ“. За ревијата на Брач добила многу позитивни критики и вели дека е среќна што ревијата се одржала токму во родното место на баба ѝ.
„Негувањето на етичка мода, рециклирањето и производството на нула отпад за мене е совршенство при дизајнирање облека. Моја лична заложба е заштита на животната средина. Резултатот е современа колекција, препознатлива и единствена, базирана на корисни, иновативни рачни техники и материјали“, додава Зафировска.
М. ЏАРОВСКА
.