Македонската уметница Тања Балаќ на 19 септември (20 часот) слави 10 години создавање на полето на видеоуметноста во Кинотеката. Ќе има проекција на 10 видео-уметнички дела, т. е., станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот, од 2014 наваму.
Балаќ вели дека кон крајот на првата деценија на 21. век, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе почнува да се интересира и за видеоуметноста.
„Овие дела ги допираат прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко. Но, секогаш во фокусот на нејзината сфера на интерес како уметник е – човекот, кој ѝ е бескрајна инспирација“, вели уметницата.
Иако сликарството ѝ е прва љубов и најсигурно се чувствува во своето ателје, Балаќ вели дека ужива и во процесот на создавање на експериментален филм и видео, но потенцира дека во ерата на сеприсутност на дигиталната слика за визуелните уметници е исклучително важно да не ѝ дозволат на технологијата да ги „заведе“ со сите нејзини можности.
Фото: ДЛУМ