ТЕРАСАТА НА ХОТЕЛОТ „ЕПИНАЛ“ – НОВО МЕСТО ЗА ЧАЛАМ НА БИТОЛЧАНИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битола ја краси Широк Сокак, а Широк Сокак од вчера го краси реновираната тераса на хотелот „Епинал“, екстравагантно место за чалам на битолчани и за туристите што доаѓаат во градот.

Битолчани едвај дочекаа повторно да проработи терасата за да можат да уживаат таму додека пред очи им се протега прекрасниот поглед кон Корзото, па сѐ до ридовите со кои е опкружен градот. На вчерашното свечено отворање терасата беше преполна со гости, а социјалните мрежи се вжештија од фотографии и од комплименти за обновеното катче.

Интересот за посета е голем. Освен битолчани и жители од други градови, местото е интересно и за странските туристи. На прво место се Турците, зашто од терасата се пружа романтичен поглед кон балконот од кој убавата Елени Каринте го гледала љубениот Кемал Ататурк додека минувал низ Широк Сокак, кога бил ученик на Воената гимназија во Битола. Турските туристи, кои редовно се сликаат покрај куќата на Каринте, сега ќе можат да ручаат на терасата, со поглед кон балконот на битолските Ромео и Јулија.

Поглед кон балконот од кој Елени Каринте го гледала љубениот Кемал Ататурк, додека тој минувал низ Широк Сокак (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Со реновирањето на терасата, сакаме да го вратиме некогашниот сјај на ‘Епинал’. Градската кафана веќе си го доби својот статус и мислам дека е број еден ресторан во Битола. Сега терасата ќе биде содржина плус. Одредени туристички групи кои доаѓаат на еднодневни тури во Битола и наши иселеници дојдени на одмор веќе ги закажуваат ручеците тука, исто така и битолчани и други гости нивните бизнис ручеци. Целата тераса ја украсивме. Идејата беше ако сме горе, со погледот кој се пружа околу, да бидеме всушност долу на Широк Сокак“, рече Огнен Циговски, генерален директор на „Епинал“.

Терасата нема да работи преку ден како отворен објект, туку со најава.

„Секој четврток, петок, сабота и недела ќе има свирки. Веќе се преговара со ‘Нокаут’, договорен е Васил Хаџиманов за август, исто така и Исмаил Лумановски, со Влатко Стефановски и со ‘Љубојна’ се разговара“, додаде Циговски.

Сопствениците на хотелот планираат реновирање и на фоајето во „Епинал“, каде ќе има таканаречен ходник на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фоајето планираат да го пуштат во употреба пред стартот на фестивалот во септември. Потоа ќе следува и изградба на мал параклис, во спомен на црквата „Св. Елена и Костадин“, која во минатото постоела на тоа место.

„Епинал“ беше еден од најреномираните угостителски објекти уште во времето на социјализмот и потоа успеа да остане препознатлив градски бренд на Битола.

Ж. ЗДРАВКОВСКА