ВЕРОЈАТНО ЌЕ БИДАМ ЕДИНСТВЕНИОТ ЧЛЕН НА МОНТИ ПАЈТОН СО ТИТУЛАТА СЕР, ВЕЛИ МАЈКЛ ПЕЈЛИН

Лондон, (Би-Би-Си)

Мајкл Пејлин смета дека ќе биде единствениот член на Монти Пајтон кој ќе биде сер, откако ја прими витешката титула од принцот Вилијам во Бакингамската палата.

„Веројатно ќе бидам единствениот“, изјави 76-годишниот Пејлин, додавајќи дека неговиот колега Џон Клиз ја пропуштил шансата.

(Фото: ПА)

Клиз уште во 1996 година ја има одбиено титулата ЦБЕ. Тери Гилијам, Тери Џонс и Ерик Ајдл се останатите живи членови на групата, додека Грем Чепман почина во 1989.

Пејлин откри дека се воздржал од кажување шеги пред принцот Вилијам.

„Тој ме праша каде следно би сакал да отпатувам, кој дел од светот би сакал да видам. Мојот одговор вообичаено е Мидлзбро, но за оваа прилика се решив за Казахстан“, рече Пејлин, кој, сепак, го има посетено овој англиски град пред четири години.

Иако се прослави како актер, Пејлин ја прими титулата за промовирање на патувања, култури и географија како автор на телевизиски патописи, во рамките на кои ја има посетено и Македонија.