ЖЕНАТА КАКО ИДЕАЛ И КОПНЕЖ ВО ИЗЛОЖБАТА „ЗА НЕА“ ВО ЧИФТЕ АМАМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„За неа“ е насловена изложбата од колекцијата на Националната галерија на Македонија (НГМ) која ќе се отвори на 7 март во Чифте амам. На изложбата по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, ќе бидат изложени околу 70 експонати, а куратор е Горанчо Ѓоргиевски.

Во колекцијата се застапени дела на класичните македонски автори (Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Борко Лазески, Петар Мазев…), од помладата генерација (Рубенс Корубин, Ацо Станкоски, Тодорче Атанасов…), како и дела на автори од бившите југословенски простори (Влахо Буковац, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ…), каде девојката, жената, мајката се инспирација во нивното творештво, жената како мајка, идеал, борец, инспирација, љубовница, посакување.

„Соочени со темите од историјата на уметноста каде жената е постојано присутна, од предисторијата преку антиката, хуманизмот и ренесансата, па до модернизмот и рецентноста, во македонската и регионалната модерна и современа уметност среќаваме сцени во кои жената е непресушна инспирација“, вели НГМ.