Холивудски ѕвезди од сите генерации се собраа на хуманитарната гала вечер во МоМА во Њујорк, во чест на Мартин Скорсезе и неговиот придонес за филмот и за реставрацијата и архивирањето на филмовите.
Меѓу говорниците на вечерта беа едни од неговите најблиски соработници, актерите Леонардо ДиКаприо и Роберт де Ниро.
ДиКаприо, кој глумеше во пет филма на Скорсезе, меѓу кои „Волкот од Вол стрит“, се потсети како кога имал 15 години, посакал да стане глумец.
„Татко ми ме однесе во кино за да добијам инспирација. Покажа со прстот кон екранот каде одеше ‘Добри момци’ и ми рече: ‘Ова е олицетворение на модерниот филм. Ова е некој со кој би бил пресреќен ако еден ден успееш да снимиш филм‘. Тогаш си поставив цел и ја остварив мојата амбиција да работам со мајсторот кого го славиме вечерва“, рече оскаровецот.
Тандемот наскоро ќе го снима шесттиот филм, „Killers of the Flower Moon“.
Де Ниро, кој глумеше во девет филмови на Скорсезе, како „Таксист“ и „Добри момци“, рече дека режисерот има огромно срце кое разбира и прегрнува секој каракатер кој глумците го креираат.
„Марти првин сакал да стане свештеник. Верувам дека ја променил одлуката кога сфатил дека за да бидеш свештеник, значи да му служиш на Бога, а, пак, да си режисер, значи да си Бог“, рече Де Ниро.