Ѕвездите на „Игра на тронови“ Питер Динклиџ и Емилија Кларк се меѓу првите гости кои пристигнаа во Абердиншир, Шкотска, за утрешната свадба на нивните колеги од серијата, Кит Харингтон и Роуз Лесли.
Триесет и едногодишните актери ќе се венчаат во замокот Вордил од 12. век, кој 900 години е во сопственост на семејството на Лесли. Во замокот живее нејзиниот брат Вилијам, а последниве неколку години е реновиран во луксузна резиденција, која често се изнајмува за свадбени церемонии.
Цената за две ноќи чини 3.000 фунти, има батлер за кој се плаќа 200 фунти од ден, а еден оброк чини околу 70 фунти.
Двојката се запозна на снимањето на серијата во 2012 година, во којашто ги играа(т) едни од омилените ликови на публиката, Џон Сноу и Игрит. Ликот на Лесли загина во серијата две години откако се запознаа, додека Харингтон стана една од најголемите ѕвезди на ултрапопуларната серија.
Свршувачката ја објавија лани во септември.
Харингтон и Лесли строго ги криеја сите информации околу свадбата, но во мај „Дејли мејл“ објави дека на поканата за нивната свадба има и поштенска марка со ликот на Џон Сноу.
Во едно интервју, запрашан дали свадбата ќе биде во стилот на „Игра на тронови“, Харингтон низ смеа рекол: „Нема шанси да ја убедам во такво нешто“.