Вечерва во 20 часот во Чифте амам ќе се отвори 18. Зимски салон, биенална изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Годинава темата е „Првиот грев – првата доблест“, а куратор е историчарот на уметност Кирил Пенушлиски.
На изложбата учествуваат 16 автори: Вана Урошевиќ, Зоран Тодовиќ, Кирил Гегоски, Тања Балаќ, Марјана Костојчиноска-Узунчева, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Борче Богоевски, Илина Арсова, Филип Фидановски, Петра Јовановска, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Виолета Чаповска и Слободан Живковски. Единствен гостин годинава е уметникот Александар Зафировски.
Пенушлиски вели дека композицијата што ја зацртал во „Првиот грев – првата доблест“ е доволнo широка за да можат уметниците да ја толкуваат на различни начини и сите тие толкувања да се разликуваат, но и да бидат веродостојни и издржани.
Вечерва ќе се прогласи добитникот на Гран при наградата, која претставува двомесечен престој во Париз.