2.500 ДЕЦА ДОЈДОА НА ТЕАТАРСКИОТ ФЕСТИВАЛ „МАЛИОТ ПРИНЦ“ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Со премиерaта на претставата „Шушкава приказна“, во изведба на Народниот театар од Штип, синоќа заврши седмиот штипски театарски фестивал за деца „Малиот принц“. Големата сала на Центарот на културата „Ацо Шопов“ беше претесна да ги прими сите заинтересирани. Билетите беа распродадени уште во понеделникот, еден ден пред да да почне фестивалот.

„Четирите претстави беа проследени од 2.500 деца и мислам дека ‘Малиот принц’ ги оправда очекувањата. Имаше публика и од соседните градови. Толку голем интерес за следење на фестивалот досега не сме имале. Актерите од театрите за деца од Струмица, Охрид и Скопје беа воодушевени од приемот и интересот на децата, кои за цело време на претставите како да учествуваа во нив“, вели програмскиот селектор Трајче Кацаров, кој за в година најавува седумдневен фестивал.

Следен проект за Кацаров и неговата екипа од Центарот за култура и Домот на младите е второто издание на театарскиот фестивал за возрасни „Театар во куфер“.

Т. ЈОВАНОВСКИ