В среда во Детскиот културен центар „Карпош“ (10 часот) ќе се отвори изложба на 40 дела од деветгодишниот Филип Циглењак Симоновски од Скопје.
Филип е ученик во четврто одделение при основното училиште „Ристо Крле“ во Кадино, а на своја четиригодишна возраст, сосема случајно, почнал да слика акрил на платно. Оттогаш, сликите на Филип, кој има аутизам, зборуваат со силни бои и носат наплив од емоции.
Изложбата ја организираат „Карпош“, здружението „Во мојот свет“ и „Идеа лаб“.

„Со оваа изложба, Филип ќе покаже колку е посебен, талентиран и единствен. Цртањето и сликањето се еден вид невербална комуникација, па така Филип на вистински начин го изразува своето внатрешно битие со околината, која со интерес ја следи неговата креативност“, велат организаторите.