Петнаесетина солисти – првенци на Македонската опера и балет, вечерва настапија на одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Операта.
Националната куќа за јубилејот одлучи да организира оперски концерт и да ја обнови операта во еден чин, „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи.
Во првиот дел од вечерта, под диригентство на Бисера Чадловска, се изведоа арии, дуети, терцети, квартети, оркестарски и хорски нумери од повеќе автори.
Операта на Маскањи, беше наменски одбрана за јубилејот, бидејќи станува збор за операта која била прва изведена на МОБ, на 9 мај 1947 година. Поставката е во режија на Италијанецот Џандоменико Вакари, а диригираше Џанлука Мартиненги од Италија.
Настапија Весна Ѓиноска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Николина Јаневска и Марика Поповиќ.
Репризата е в петок, со диригентот Иван Еминовиќ и солистите: Сандра Митровска, Зоран Сотиров, Ристе Велков, Катерина Стојановска и Елена Тасевска.
Од МОБ велат дека седумдеценискиот јубилеј од постоењето на Операта, ќе се одбележува во текот на целата година со цел да го претстават целиот ансамбл и солистите.